МАКЕДОНЦИТЕ ВО БИБЛИЈАТА ( Четврти дел)
автор : Денис Тенев, Скопје, 2005 година.



Македонците и Христијанството
По владеењето на Дијадосите со македонската империја, според пророштвото, настапила Римската империја која го исполнила наведеното пророштво (царство претставено со железни нозе) во книгата на пророкот Даниил, како што читавме: “А четвртото царство ќе биде како железо; оти како што железото троши и дроби се, така и тоа железо ќе дроби и ќе уништува.” Од историјата ни е позната “железната” дисциплина и суровост на Римската империја, која после трите Македонско-Римски војни ја покорува Македонија и за да ја ослаби ја дели на четири провинции. Рим ги покорил и сите претходно од Македонија освоени територии. Тука спаѓа и Израел каде на почетокот на I век н.е. се раѓа Христијанството.
Македонија во тој период останала без владетел, односно била сосема незаштитена од Римската тиранија, посебно кога биле во прашање римските порези. Во тоа време, Римјаните биле ослободени да плаќаат данок, бидејќи државата сосема доволно собирала од другите покорени народи. Како растеле апетитите на Рим, така се зголемувале и порезите, кои го исцрпувале локалното население, не само во Македонија туку насекаде по Римската империја. Како резултат на тоа се зголемил сиромашниот слој на населението, исто не бил мал бројот на луѓето кои поради големата беда биле принудени да се продаваат себе си или своите деца како робови.
 filipi
Во такви услови се раѓа новото учење на Христијанството кое проповедало еднаквост и рамноправност на сите пред Бога, бидејќи “Христос пострада за сите” Учењето за отелотворениот Бог (Христос) кој од љубов кон своите созданија ги зема нивните гревови на Себе страдајќи на крстот[1] и ветувајќи им го конечно Царството небесно, предизвикало голем одзив кај сиромашниот и обесправен слој на населението. Секако дека и богатите и учените, а и многу свештеници се обраќале во новата вера. Почнувајќи од Јудеа (Израел), па преку Мала Азија, Македонија била меѓу првите земји каде било проповедано и прифатено Христијанството. Во Делата на Апостолите 16 глава читаме: “ Преку ноќта имаше Павле[2] видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: Премини во Македонија и помогнини!” Апостолот Павле во тој момент се наоѓал во Троада, и веднаш го послушал повикот во видението, па така читаме: “И така, откако отпловивме од Троада, стигнавме право во Самотраки,  а во вториот ден во Неапол, а оттаму во Филипи, кој во тој дел на Македонија е прв град, римска колонија.” Градот Филипи во постарите времиња се нарекувал Криниди (мал извор, или град на изворите) заради бројните извори во околината. Подоцна Филип II во 358г. п.н.е. го избира и го утврдува за своја престолнина по кого и го добива името. По поразот на Македонската војска 168 пне од Римјаните, Филипи имал посебен стастус “Колонија на Август Јулиј” (Kolonia Augusta Julia Fillipensis).[3] Филипи е првиот град во Европа што го примил Христијанството (околу 50г. н.е.) преку апостолот Павле кој откако пристигнал во градот, после неколку дена, “...во саботата излеговме надвор од градот при една река, каде што имаа обичај да се молат, и кога седнавме, им зборувавме на собраните жени.” Се поставува прашањето кои биле овие жени? Некои сметаат, бидејќи биле собрани во саботен ден, дека станува збор за Македонки прозелити[4]. Обичај на апостол Павле бил во секој град каде што ќе дојде, најнапред да проповеда во саботните денови во Еврејските синагоги. Бидејќи во Филипи немало изградено синагога, мала е можноста собраните жени навистина да биле прозелити кои немајќи каде се собирале покрај реката. Од друга страна познато е дека Македонците ги обожувале реките,[5] што бил исклучиво македонски обичај, па оттаму сигурно е дека се работи за Македонки кои си ги обавувале своите древни ритуали и молитви покрај реката во Филипи. А и самиот текст: “каде што имаа обичај да се молат” не наведува да заклучиме дека тоа бил обичај на жителите да се молат надвор од градот при реката.
Читаме понатаму: “И една богобојазлива жена од градот Тиатир, по име Лидија, која продаваше црвени ткаенини, слушаше; и Господ и го отвори срцето да внимава на она што зборуваше Павле.” Интересно е тоа што сите слушале но само таа внимавала на зборовите на апостолот, што сигурно оставиле силен впечаток и осведочување во нејзиниот ум па затоа: “...кога се покрсти[6] таа и нејзините домашни, не замоли и рече: ƒАко сте ме признале за верна на Господа, тогаш влезете и живејте во мојата куќа. И не принуди.” Лидија била жена трговец. Нејзиното потекло како Македонка, никој не го спори затоа што била од Тијатир, бидејќи познато е дека Тијатир кој се наоѓал во Мала Азија бил населен претежно со Македонци.[7] Познатото македонско гостопримство постоело и тогаш, а посебно се гледа во изразот “не принуди”. Изразениот менталитет на “принудување” на гостинот да јаде и да пие кога ќе дојде некому на гости е познат и присутен и денес кај Македонците.
Апостолите продолжиле со проповедање, па настаните кои понатаму следеле ги довеле Павле и неговите помошници до немила ситуација на прогонување и лажно осудување. Читаме: “...го фатија Павла и Сила, и ги довлекоа на плоштадот кај началниците.” Обвинението било: “овие луѓе што се Јудејци, го бунат нашиот град и проповедаат обичаи што нам, како Римјани, не ни пристои да ги примаме, ниту да ги извршуваме...” Ваквото обвинение предизвикало револт[8] кај присутниот народ кој “...штом им ги расцепаа алиштата, повелаа да ги бијат со стапови...” за на крајот да ги стават во затвор. За жал, сегаде, во секој народ ги има таквите кои се спремни лажно и пристрасно да судат пред да сослушаат, предводени од личните предрасуди. Но за нас е интересен изразот Римјани кој го прочитавме. Ова е разбирливо ако се земе во предвид дека Македонија била под Римска управа, а луѓето кои ги обвиниле Апостолите своето обвинение го изнеле пред римски управители кои заради статусот кој го имал градот биле одговорни директно пред цезарот, па затоа соодветен израз бил “ние Римјаните”. Ова покажува дека разните окупации на различни територии по светот доведувале до појави на (покрај вообичаеното име на територијата или на населението) да се додаваат и други политички или административни имиња кои создале забуна кај историчарите подоцна, за некои потоа тоа погрешно да го применат за свои лични пред се политички цели.
Апостолите, во затворот во Филипи се однесувале токму онака како што проповедале. Тие не возвратиле со зло или гнев за сторената неправда туку “...на полноќ, Павле и Сила се молеа и Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа...” А тогаш “...настана потрес голем, така што и темелите на затворот се поместија, и веднаш се отворија сите врати и оковите на сите отпаднаа.” Стражарот кој го чувал затворот, кога видел што се случило “...извади меч и сакаше да се убие, оти помисли дека затворениците избегале.” Но, апостол Павле го сопрел, уверувајќи го дека сите се тука. Интересна е реакцијата на чуварот. Иако самиот тој на почетокот ги “...фрли во внатрешниот затвор и нозете им ги стегна со клади...” сега, после ова необично искуство, “...растрперен падна пред Павла и Сила; па откако ги изведе надвор рече: ƒГосподари, што треба да направам, па да се спасам?” Прашањето соодветствувало со ставовите и религиозните сваќања на тогашниот свет, поведени од мислата дека треба нешто да се стори и да се заслужи Божјото спасение. Веројатно овој човек бил изненаден кога чул: “Поверувај во Господа Исуса Христа, и ќе се спасиш ти и целиот твој дом!.” Само толку?! - можеби се прашувал, не знаејќи дека допрва го очекуваат изненадувања. “И му го проповедаа Словото Господово нему и на сите што беа со него...” Еднаш примено во срцето, Словото Господово носи промена во душата и карактерот на човекот, носејќи му пред се радост и мир а потоа и сите духовни родови.
Овој човек, Македонец, ги доживеал првите искуства на радоста во Христијнаството “...откако им ги изми раните и веднаш се покрсти тој самиот и сите негови домашни, и откако ги воведе во својата куќа, постави трпеза и се зарадуваа со целиот свој дом, оти поверуваа во Бога.” Тоа биле првите дарови од Бога како награда за неговата вера.
Следниот ден апостолите биле ослободени, па веднаш отишле во домот[9] на Лидија, за да ги утешат верните, а потоа заминале за Солун. Но пред да продолжиме со патувањата на Павле, да споменеме дека апостолот имал длабока љубов кон верните во Филипи. Тој повеќе пати ја посетувал црквата во Филипи, а после десет години им се обраќа во посланието со зборовите “ Бог ми е сведок колку многу ве сакам сите вас со љубовта на Исуса Христа” (Филипјаните 1, 8). Св. Јован Златоуст (IV век н.е.) во своето толкување на Павловиот однос кон Филипјаните вели: “О, каква нежна љубов имал тој кон Македонија.”[10] Но исто така позната е и љубовта на самите Филипјани кон апостолот. Тие останале вековно запаметени во Библијата по својата несебичност и дарежливост: “А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на Благовестието, кога излегов од Македонија, немаше ниту една црква нешто да ми даде или нешто да примам освен преку вас, зошто и во Солун, еднаш, и по втор пат, ми пративте нужни работи.”(Фил. 4,15.16.) Филипјаните помошта за апостолот ја испратиле по Епафродит, за кого Павле вели: “Епафродит, мој сотрудник и другар во војувањето, а ваш пратеник и помагач во потребите мои.” (Фил. 2,25) Според традицијата, Епафродит подоцна бил поставен за епископ на црквата во Филипи.
Кога апостол Павле им се обраќа на Филипјаните во посланието, тој вели: “...до сите светии во Христа Исуса, што се во Филипи, со епископите и ѓаконите.” Ова послание е пишувано околу десет години после првата посета на Павле во Филипи. Евидентно е дека за толку кратко време, црквата толку се зголемила што имала потреби од повеќе епископи (надгледници, старешини). Сигурно за тоа се заслужни самите Филипјани, како на пример Лидија, првата Христијанка во Европа, која благодарение на своите трговски познанства и врски, ја ширела радосната вест на останатите свои сограѓани. Денес, кога се гордееме со Христијанска Европа, да не заборавиме на овие пожртвувани луѓе, Македонци од Филипи кои дале значителен придонес за зачетоците на христијанството.  
Кога Павле стигнал во Солун[11], се сретнал со значаен трговски, културен и административен центар. Во овој град имало Јудејска синагога, па затоа “Павле, по својот обичај влезе при Јудејците и три саботи по ред им зборуваше од Писмото...” откривајќи им на слушателите во синагогата дека Исус од Назарет е ветениот Месија. Павловите проповеди и беседи предизвикале различни реакции. Од една страна “...некои од нив поверуваа...” меѓу кои и “...големо мнозинство богобојазливи Елини, а исто така и немалку видни жени.” Од друга страна “...некои од Јудејците што не поверуваа, завидоа и зедоа со себе некои лоши луѓе...” па откако го вознемириле и разбунтувале народот предизвикале прогонување на апостолите.
Овде ќе се потсетиме на погоре кажаното во врска со изразот Елини, дека самиот израз ја покажува верската и културолошката разликата меѓу Евреинот и неевреинот (елин). Нешто слично е кога муслиманите оние кои не беа муслимани ги нарекуваа каури. Пример за ова е настанот опишан во Делата на Апостолите 6, 1: “Кога учениците се намножија, еленистите се побунија против Евреите дека при секојдневното делење храна не биле пригледувани нивните вдовици.” Познавачите на Библијата знаат дека овој настан се случил во Ерусалим непосредно по Христовото вознесение, што значи дека Христијанството се уште не било проповедано на другите народи, туку само на Евреите. Од каде тогаш овие Елини? Ќе се вратиме во Делата на Апостолите 2 глава кога апостолите добиле од Светиот Дух посебен дар на говорење други јазици. Тоа било потребно заради тоа што “во Ерусалим имаше Јудејци, луѓе побожни, од секаков јазик под небото...” Би посочил на Хрватскиот превод[12] на овој стих кој вели: “Tada su boravili u Jerusalimu pobožni Židovi koji su došli od svih naroda pod nebom” од каде појасно се гледа дека во Ерусалим дошле Евреи од целата дијаспора заедно да го прослават празникот Пасха. Во моментот кога биле собрани во храмот почнале да слушаат како апостолите им проповедаат на нивните јазици[13]. Тоа ги зачудило па читаме: “Ние - Партјаните и Мидјанците, Еламитите и жителите од Месопотамија, Јудеа и Кападокија, од Понт и од Азија, од Фригија и Памфилија, од Египет и од краиштата на Ливија, соседите на Киринија, ...Критјаните и Арабјаните, еве слушаме како тие зборуваат за големите дела Божји на нашите јазици...” Апостолот Петар земал завршен збор во проповедањето, а потоа “кога го чуја тоа, во срцата им стана мило и му рекоа на Петра и на другите апостоли: ƒЛуѓе браќа, што да правиме!·” Апостолот недвосмислено ги повикал на покајание, па Библијата понатаму ни вели дека “се присоединија во тој ден околу три илјади души.” Меѓу овие луѓе, соединети со апостолите, имало и Евреи од Ерусалим и Јудеа, но и Евреи од народите кои пред малку ги спомнавме. Елините кои се побуниле се Евреите од другите земји, а нивното незадоволство значело дека на црквата која растела и е потребна подобра организација, што веднаш било превземено од апостолите поставувајќи ѓакони (служители).
Сето ова ни сведочи дека изразот Елин во Библијата, воопшто нема етничка аконотација, туку како што посочивме, означува припадник на една различна култура од Еврејската. Па така, жените Елинки во Солун и подоцна во Берија се неевреите кои ја примиле јудејската а со проповедањето на апостол Павле и христијанската вера. (Сличен пример види Дела 19,10. каде жителите на Азија исто така се делат на Јудејци и Елини).
Ние со ова не сакаме да тврдиме дека во Солун немало етнички Елини, туку сакаме да посочиме дека со овој термин често се манипулира за различни цели, што само по себе е туѓо на христијанскиот дух.
Иако повторно било покренато прогонство против апостолите во Солун, сепак тука се родила и заживеала една од најзначајните христијански центри на Балканот каде се одржувале црковни собори на кои се донесувале важни одлуки. Солунскиот епископ бил и духовен поглавар на целата Македонска црква. На првиот вселенски собор 325 г. зел учество и солунскиот епископ Александар, кој бил обврзан да им ги пренесе на македонските христијани сите соборски одлуки.[14] Но уште во времето на Павле верните во Солун ја докажале својата вера, па така некои останале запбележани во Библијата: “...Гај и Аристарх, Македонци, Павлови придружници...”(Дела 19, 29.) Аристарх и Гај уште еднаш се посведочени како Павлови придружници со уште некои македонски и други верници: “...Сосипатр Пиров, беранец, а од Солуњаните, Аристарх и Секунд, Гај од Дервија и Тимотеј, и азијците Тихик и Трофим.”(Дела 20, 4.) Солуњанецот Аристарх останал до крајот со Апостолот Павле во неговите најтешки моменти на страдање: “Со нас беше Аристарх, Македонец од Солун.” (Дела 27, 2.) Вредно за напомена е дека археологијата ги посведочила овие имиња како вообичаени имиња за градот Солун и Македонија.[15]
Откако биле прогонети од Солун, Павле со Сила отишле во Берија (Вереа). Таму повторно се упатиле во еврејската синагога каде доживеале подобар прием. Во Делата на Апостолите 17, 11. читаме за граѓаните на Берија: “Овие беа поблагородни од солуњаните: тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го испитуваа Писмото, дали е тоа така.” Христијанското учење не се засновало на авторитетите на апостолите, уште помалку на нивните вешти и добро смислени говори, туку на Писмото кое “е од Бога дадено”. Самиот Павле подоцна на Римјаните ќе им напише: “И така, верата доаѓа од слушање, а слушањето од Словото Божјо” (Римјаните 10, 17.) Веке спомнатиот придружник на Павле, Македонецот Сосипатр Пиров, бил од Берија.
Јудејците од Солун не мирувале, и кога дознале дека Павле е во Берија, организирале и таму прогонство. Набргу приликите го приморале апостолот да замине за Атина. Тука Павле доживеал сосема поинаков прием отколку во Македонија. Кога дошол во Атина по извесно време, “...беседеше во синагогата со Јудејците и побожните, и секој ден на плоштадот...” Реакцијата била “...епикурејски и стоички филозофи почнаа да се препираат со него, велејќи, што сака да каже овој празнословец?” (Дела 17, 18.)
Апостолот не се предавал па застанал на аеропагот Атински и почнал да сведочи за Исуса Христа, а слушателите “...кога чуја за воскресението од мртвите, едни се насмеаја, а други рекоа : ƒДруг пат сакаме да слушаме за тоа·” (Дела 17, 32.) Друг пат?! Некој рекол: патот “другпат” води во градот “никогаш”! Каква разлика помеѓу луѓето во Филипи, Солун и Вереа и “...сите атињани, како и туѓинците, кои живееја при нив, кој во ништо друго не сакаа да го помонуваат времето освен во тоа - да зборуваат или слушаат за нешто ново.” (Дела 17, 21.) Затоа Павле имајќи го ова во предвид им пишува на верниците во Солун: “ И вие се угледавте на нас и на Господа, кога во големи маки со радост го примивте словото од Светиот Дух, така што станавте образецза сите верници во Македонија и Ахаја. Оти од вас одекна словото Господово не само во Македонија и Ахаја, туку и во секое место се пронесе славата за верата ваша во Бога...” (1Солуњаните 1,6-8) Долго Македонија била христијански центар за сите овие простори како што Антиохија била центар за Мала Азија, со што уште еднаш се потврдува придонесот на тие верни луѓе од Македонија во развојот и ширењето на Христијанството на Балканот а и пошироко.
Павле последен пат ја посетил Македонија на своето последно мисионерско патување. Кога бил во Ефес се простил со учениците и  “излезе за да тргне кон Македонија. А кога ги мина сите оние места и им даде многу упатства на верните, тој пристигна во Алада (Ахаја).” Со ова се потврдува трериторијлната особеност на Македонија, која како што е опишана во Библијата, идентично одговара со описите на античките автори како Херодот, Скимнос, Страбон, Лукијан Самосатски и др.[16]
Македонците од почетокот на својата етногенза[17] и во целиот период на македонските кралеви се до Римското време ја сочувале својата особена национална свест. Познати ни се од историографијата[18] и епиграфиката дека зборот Македонец бил честа придавка на имињата, како на кралевите кои “љубеле да се нарекуваат Македонци[19] така и на други угледни луѓе од Македонија. Апостол Павле им пишува на верните во Солун: “За братољубието, пак, нема потреба да ви пишувам оти вие сами сте научени од Бога да се сакате еден со друг, бидејќи така постапувате со сите браќа по цела Македонија. И ве молиме, браќа, уште повеќе да преуспевате.” (1. Солунјаните 4, 9-10). Македонците (поради заедничките маки) се научиле на братољубие. Родољубието и братољубието се две исти работи, односно влечат ист корен. Апостол Јован вели: “Кој го сака брата си, тој е во светлината...”(1. Послание на апостол Јован 2, 10) но понатаму, во четвртата глава, додава: “Ако некој рече ƒГо сакам Бога· а го мрази братот свој, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел?” Или со други зборови, по примерот на Македонците во Солун, како ќе го сакаш братот по вера, ако не го сакаш братот по род? Ако не ја сакаш својата татковина, како ќе ја сакаш небесната татковина? Ако не го сакаш вредното што го имаш, како ќе го сакаш уште повредното што треба да го добиеш? Ако лесно, од интерес, го продадеш својот род, нема ли утре и највозвишените христијански идеали да ги продадеш исто така од интерес? (види Откровение 13, 16-18) 
Но, ваквиот христијански став априори ја отфрла квазиљубовта: да ги “сакаме” само оние од нашиот “табор”, бидејќи тоа е побудено само од интерес, а на таквата “љубов” и квазипатриотизам доволно им се изнагледавме, па затоа нема потреба да ги коментираме.



[1] Крстот бил Римска смртна казна. Се смета дека распнувањето на крст била една од најболните и најпонижувачките казни во тоа време.
[2] Апостол Павле (Савле) бил ортодоксен многу учен евреин кој на почетокот енергично се спротиставувал на новото учење на Христијанската “секта”, како што била нарекувана од свештениците. При едно прогонство на христијаните во Дамаск, Павле доживува необична среба со распнатиот Христос, кој му се обраќа со зборовите; “Савле, зошто ме гониш”. Оттогаш, евреинот Савле, а сега апостол Павле станал најревниот проповедник на Христијанското учење и автор е на поголем број посланија во Новиот Завет од Библијата. Дела 9, 1-22.
[3] Pavle Borović, Biblijski Prirućnik II, 371
[4] Прозелитите биле Неевреи кои ја примале Јудејската вера.
[5] Н.Проева, Историја на Аргеадите, 127-128.
[6] Дека христијанскиот обичај да се крштаваат возрасни се задржал долго време во Македонија ни сведочат крстилниците како на пр. во Стоби, Хераклеа, Плаошник.
[7] Градот бил основан од Селеук I Никатор од династијата на Селеукидите и бил населен со Македонци и служел како утврдување на македонската војска. Познато е дека Тијатир имал посебен процес на производство на пурпурни ткаенини кој го чувал како економска тајна. Археологот Хејзеј пронашол парче од бел мермер на кој двојазично било запишано постоењето на колонии од Тијатир во Филипи. P. Borović,Biblijski Prirućnik II, 215. 374.
[8] Овој револт може да се разбере ако се земе во предвид сознанието дека само една година пред тоа, Клаудие, ги протерал, поради некој бунт, сите Евреи од Рим. Затоа било доволно да се каже “луѓе Јудејци”, па да се предизвика гнев кај присутните. Дела 18, 2.
[9] Во почетокот христијаните за своите богослужби ги користеле големите одаи во своите приватни домови (domus eecclesiae) МАНУ,Старохристијанската археологија во Македонија, 5.
[10] Исто и св. Поликарп Смирненски (II н.е.) сведочи дека Филипи и Солун се градови на иста замја и ист народ. Ова зборува дека и до IV век н.е. Македонија била позната како етничка територија. Ѓ. Поп-Атанасов, Библијата за Македонија и Македонците, 113.                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                                         
[11] Тесалоники (победа над Тесалија), во минатото се нарекувал Терме (Толи извори), П. Боровиќ, Библиски Прирачник II, 380.
[12] Хрватски превод на Библијата во изддание на Стварност
[13] Познато е дека Евреите од дијаспората не го познавале својот мајчин јазик, туку говреле на јазикот од каде доаѓале.
[14] Ѓ. Поп-Атанасов, Библијата за Македонија и Македонците, 121.      
[15] Исто, 120.
[16] Ѓ. Поп-Атанасов, Библијата за Македонија и Македонците, 122-123.      
[17] Кон крајот на VIII в. п.н.е. Н.Проева, Студии за античките Македонци, 39.
[18] А. Шкокљев - С. Катин. Придонесот на Македонија во светската цивилизација. 177-186.
[19] Паусанија, цитирано во Н.Проева, Студии ...29.
[20] Весна Калпаковска - Аница Ѓеорѓиевска, Животот во Heraclea Lyncestis преку епиграфските споменици, 89. 93.
[21] А. Шкокљев - С. Катин. Придонесот на Македонија во светската цивилизација, 225.

Comments

Popular posts from this blog